Ј О В А Н
по милоста Божја, Митрополит крушевски и демирхисарски, до целата
полнота на нашата најсвета Митрополија крушевска и демирхисарска,
благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој се роди во тело
Луѓето кои се во заедница, се посетуваат едни со други и така остваруваат поприсно единство меѓусебе. Со оваа божикна порака се обидуваме да Ве посетиме во овие многу свечени моменти како за секого од нас поединечно, така и за сите заедно. Првично ги посетуваме секако оние кои ни ја отвараат вратата за посета и оние што сакаат да го слушнат поздравот на Христовото раѓање. Но, со ова слово се обидуваме да ги посетиме и оние чија врата е затворена за верата и само од нив зависи дали ќе ѝ отворат на верата, а со тоа ќе му ја отворат вратата на Бога кој се роди во тело, или ќе се затворат во самољубието и самодоволноста и ќе тагуваат над безизлезот над кого овиснале.
Бог дојде помеѓу нас, не зашто Он не може без нас, тој е совршен и нема нешто кое го нема, освен гревот. Но, нам на луѓето ни требаше Он, за да нѐ избави од ропството на гревот, смртта и распаѓањето.
И дојде, се роди во овој свет како што се раѓаме ние луѓето, од жена, Пресветата Негова мајка, Богородица и секогаш девојка Марија, но без татко, зашто Неговото зачнување не е од машка и женска похот, туку е зачнат без телесен контакт на маж и жена, преку заедницата на Светиот Дух и Марија девојката.
Само така, натприродно зачнат, Он можеше да биде Спасител на светот. Ако беше само човек, па макар и да беше етички најправеден, не би можел ниту самиот себе да се спаси од смртта и распаѓањето, а камоли другите. „Не дозволувам човек да ме спасува”, одамна ќе рече Св. Григориј Богослов. Но, ниту само како Бог можеше да нѐ спасува. Таквото спасение повеќе би било насилство отколку спасение, во колку во него не учествуваше и човековата волја.
Сепак, сето тоа стана достижно само заради крајното Христово смирение. Од Син Божји некој да се согласи да се роди и како син човечки е дело кое воодушевува, но истовремено и обврзува. Нѐ обврзува нас луѓето да бидеме благодарни битија и таа благодарност да ја изразуваме литургиски. Да му служиме на Бога и на ближниот, зашто во ближниот го гледаме и самиот Бог. Ако го правиме тоа сме ја разбрале пораката на Рождеството Христово, дека Бог „стана човек за човекот да стане Бог”.
Без Христовото доаѓање меѓу нас, за нас би била невозможна заедницата со Бога, но сега по Божјото вочовечување, отворени ни се сите врати да му пристапиме, да му се доближиме, да заедничариме со Него.
Чесни отци, драги браќа и сестри, чеда во Богочовекот Христос возљубени,
заедничарењето со Него нас уште сега нѐ прави учесници во бесмртноста. Животот со Бога постанува живот за вечност уште во сегашниов век.
Затоа да бидеме благодарни на Бога за сѐ што направи и сеуште прави за нас. Да му благодариме за неговата жртва која нѐ раѓа за вечност, да му благодариме за возвишеноста и спасителното дејство на смирението што ни го покажа, да му благодариме зашто во Него ја наоѓаме полнотата на соживотот со другите.
Милоста на Бога Кој од милост кон нас луѓето се роди како човек, да нѐ доведе сите нас до познание на смислата на Божјото воплотување, а тоа нека ни ја направи заедницата со Бога уште подлабока и поприсна, сега и секогаш и во вековите на вековите.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Ваш молитвеник во Богомладенецот
Митрополит крушевски и демирхисарски Јован
Издадено на Рождество Христово 2023 г. во Крушево