Споменато беше името на Митрополитот крушевски и демирхисарски г. Јован на порталот: Religija.mk, во текстот: Руски агенти во мантија (https://religija.mk/ruski-agenti-vo-mantija/), објавен на 05 Март 2024 г., а во контекст дека „не бил заинтересиран за руското крило во Синодот на МПЦ – ОА“. Митрополитот крушевски и демирхисарски г. Јован, години наназад ја доживувал и живеел Црквата како едно тело и токму заради тоа единство повеќекратно пострадал, а што веќе и на најголемите скептици им е познато. Да го поставува денес некој дека е во едно или друго крило, покажува несериозност кон природата и смислата на Црквата, која е една и единствена. Има и други историски моменти кога Црквата проживувала и други искушенија за поделба, но била победена само во мал број од нив. Не би било сериозно сегашниве напнатости во Црквата да се третираат како неизлечиви и да се фаќа една или друга страна, едно или друго крило. Митрополитот Јован е за едната света соборна и апостолска Црква, за која е неприфатливо разделувањето, или едното или другото, туку соборното, и едното и другото.
05 Март 2024 г.
Крушево
Митрополијата
крушевска и демирхисарска